ООУ „Јан Амос Коменски“ успешно ги реализираше активностите во рамки на Еразмус+ проектот од акцијата КА220 “STEAM and Sports: A goal for education equity” број 2024-1-ES01-KA220-SCH-000243408 кој е прв проект од овој тип за нашето училиште. Координатор на проектот е наставничката по хемија Александра Блажевска, а во проектните активности беа вклучени повеќе од 15 наставници од училиштето.
Во текот на 2025 година беа реализирани три работни состаноци на проектните партнери: во јануари во Ливарден, Холандија, во мај во Нови Сад, Србија и во септември во Бакар, Хрватска. На состаноците се следеше динамиката на реализација на проектот, се координираа активностите и се планираа следните чекори.
Во март 2025 година, ООУ „Јан Амос Коменски“ беше домаќин на меѓународен тренинг за наставници, на кој учествуваа 18 наставници од партнерските организации. Во рамки на обуката, наставниците работеа на интегрирано планирање на наставата преку методологијата на матрицата, развиена од професорите од Универзитетот во Бургос, Шпанија.
Во периодот ноември–декември 2025 година беа тестирани четири наставни часа од Прирачникот за наставници, со учество на 10 наставници и 120 ученици од IV до IX одделение. Во ноември беше тестирана и мобилната апликација развиена во рамки на проектот.
Проектните резултати беа претставени на настанот „Ноември – месец на науката“ и на Петтата меѓународна конференција за математика и сродни науки на Природно-математичкиот факултет. Дополнително, беа изработени три промотивни видеа, два постери, еден флаер и два информативни билтени, а беа подготвени и два труда, објавени во Зборникот на трудови од завршната конференција во Бургос, Шпанија, каде домаќин беше координаторот на проектот – Универзитетот во Бургос.
120 ученици • 15+ наставници • 18 учесници на меѓународен тренинг • 4 тестирани наставни часа • 3 меѓународни работни состаноци • 3 промотивни видеа
Проектот „STEAM и спорт“ претставува значаен чекор во развојот на меѓународната соработка на ООУ „Јан Амос Коменски“ и придонесува за воведување современи, интегрирани и иновативни пристапи во наставата преку поврзување на STEAM областите со спортот и физичката активност. Во проектот има шест партнери од пет земји, Шпанија, Холандија, Хрватска, Србија и два партнери од нашата држава НВО Future Minds и нашето училиште ООУ „Јан Амос Коменски“.
0 Comments