Проектот-Меѓуетничка интеграција во образованието „Сите сме едно-играме заедно“, на УСАИД и МОН, а во соработка со БРО, расте и се развива во правилна насока. Доказ за тоа е посетата на ученици, наставници, родители и претставници од Одделението за образование при Општина Карпош, на тетовската општина Боговиње и тамошното основно училиште „Сабедин Бајрами“, кое од изминатото полугодие е партнер-училиште на ООУ „Јан Амос Коменски“.
Тетовското ООУ „Сабедин Бајрами“ се покажа како вистински домаќин, кој ги отвори вратите на карпошани и им ја покажа нивната училишна работна атмосфера, со прошетка по кабинетите и училишните простории. Дека јазикот и обичаите не се причина за пречка и меѓусебно дружење на децата, се покажа низ низа преземени активности, заедничка изработка на макети на општините, цртање и учење по некој албански збор, а присутните имаа можност, подетално да се запознаат со убавините и знаменитостите на двете општини, низ презентации изведени од учениците на двете училишта. Беа засадени дрвца на пријателството во училишниот двор на ООУ „Сабедин Бајрами“, како подарок од ООУ „Јан Амос Коменски“.
|
|
|



